5:0

5:0

Дали може било што да е пофално при пораз од 5:0? Секако  не. Нема фалба и со пораз 2:1 или 1:0, но во тие случаи може да се бара оправдување од типот “судиска грешка“, “малер“ и слично.

Но, со 5:0 сите оправдувања отпаѓаат.

Сепак, и покрај 5:0, мора сите пофалби да одат на сметка на репрезентацијата на Македонија U21.

Зошто?

Па затоа што:

  1. Милевски не се реши за кукавичка тактика за да има алиби за пораз, па да се повлече со 11 играчи назад. Напротив, и покрај тоа што аутфитот (природен и моден) на Милевски не оддава таква слика, човекот се покажа како храбар, решителен и без комплекси. Излезе со тимот да игра. Отворено се надигруваше со првотимците на Реал и Арсенал, користејки ги резервите од Вардар и Шкендија.
  2. Момците изиграа храбро, зрело и ветувачки за Македонскиот фудбал.
  3. Прв пат, по Игор Николовски Гигец видовме наши центархалфи што сакаат да играат и играат со топка. Прават вишок на играч. Не се плашат топката да им биде додадена. Прецизни се и сигурни во себе.
  4. Видовме сериозен среден ред со Барди, Давид и Николов. Тројца што играат без комплекси во ситуација на напад, а се срчано борат и одземаат кога се браниме.
  5. Видовме одлични фудбалери што во водечките Македонски клубови ја немаат довербата од стручните штабови да добијат постојана 90-минутна минутажа.

 

Можам и повеќе да елаборирам, ама нема потреба. Публиката, нашата публика, која беше во Гдиња е лакмус хартијата која покажува како и колку се цени настапот на нашата репрезентација. И при 3:0, и при 4:0 фудбалерите беа бодрени со повици “само Така“, “не им се плашете“, “кој ги е..“… ’„Ич к.. да не ве боли, само вие играјте“…

За на крајот, откако средбата заврши, МАКЕДОНСКАТА публика со 1/2 часовен аплауз да ги испрати играчите во соблекувална. Аплаудираа и пееа (во текот на целиот натпревар) навивачката група лево од централната трибина. Таму најнапред отидоа фудбалерите на Милевски. За потоа и кај централната трибина, каде што имаше многу Македонци (ама навистина многу), како и пред ВИП седиштата, да бидат испратени со долготрајно ракоплескање, скандирање и бодрење. ЗАСЛУЖИЈА.

 

Иднината на Македонскиот фудбал денеска загуби 5:0, но не се посрамоти. Губел 5 и повеќе нула и Баерн и Челзи и Реал и Барселона и Манчестер… Фидбал е тоа. Но, и покрај резултатската катастрофа, публиката, која нема никаква врска со ФФМ, политика и слични глупости, препозна квалитет, решителност, храброст, волја и иднина во настапот.

 

На крајот да констатирам, сум гледал во живо (фудбал, како и секс, не се учи од гледање на малите екрани) стотици меѓународни натпревари на десетици светски и европски репрезентативни и клупски првенства, како и на олимпјади, универзијади… Никогаш досега не сум видел, од 4-те постигнати гола (5-от е од пенал), сите 4 да се “евроголови“. Неодбранливи маказици, суви листови, волеји…

Фудбалот во Македонија има иднина.

 

 

Milenko Nedelkovski

 

18.06.2017

11.32

Данзиг – Балтик

 

 

UA-38420574-1