ЃАКОН ЈУРИЈ МАКСИМОВ

ЃАКОН ЈУРИЈ МАКСИМОВ

Зошто христијаните не го сметаат Мухамед за пророк? Тоа прашање, кое вознемирува многумина муслимани, најчесто им се поставува на христијаните и тоа неретко во ваков облик: „Еве, ние муслиманите Го почитуваме Исус Христос како пророк, а вие не го признавате Мухамед за пророк! Зошто таква неправда?“ Но, многу поважно од признанието за пратеништвото  е признанието за самата природа. А овде нештата стојат сосема спротивно: ние христијаните го признаваме Мухамед за човек, како и муслиманите, а пак муслиманите не Го признаваат Исуса Христа за Бог, како што Го признаваме ние. Затоа, ако ние го признаваме нивниот човек – за човек, а тие не Го признаваат нашиот Бог – за Бог, кому повеќе му доликува за укажува на неправда? Не ограничувајќи се на оваа напомена, ќе дадеме подробен и исцрпен одговор на прашањето: зошто христијанинот не може да го смета Мухамед за вистински пророк Божји. 

Како прво, христијаните не го сметаат Мухамед за пророк затоа што во Божествениот домострој на спасението таква фигура – каква што е Мухамед, согласно со исламот, е излишна.

Погледнете: Господ со Авраам склопил завет со ветување, преку Исак создал народ кој Му бил посветен Нему, преку Мојсеј тој завет го обновил и го раширил, потоа непрестајно праќал мали пророци, се до Јована Крстител, кого го испратил како Претеча (односно, како оној кој го подготвува патот) пред Христа. На крајот се јавил Христос и рекол дека сите Пророци и Законот пророкувале до Јована ( Мт. 11,13) и дека после Крстителот, пророци-законодавци веќе нема да има.

Новиот Завет е совршен завршеток и исполнување на Божествената историја, онака како што е изложена во Откровението.

Семоќниот Господ посакал да се јави во тело и да поживее со луѓето (Вар. 3, 38). Тој испраќал пророци за да го подготват човештвото за Неговото доаѓање. И кога човештвото било подготвено, кога на светот можел да се појави човек со таква чистота како Дева Марија, тогаш Бог се јавил во тело (1 Тим. 3, 16) и со Него го завршил замислено дело за спасение на луѓето, востановувајќи со посредство на Светите Тајни принципиелно поинакви односи меѓу човекот и Бога, при што на секого му се отвара можноста за личносно соединување со Севишниот. Ништо ново, посовршено, не може да биде, бидејќи не може да постои ништо посовршено од Бога.

Тогаш, каква е потребата за нови пророци? Времето на пророците е поминато. Пророците му биле неопходни на човештвото тогаш кога тоа се наоѓало на почетокот на својот пат кон Бога, онака како што воспитувачот му е потребен на малолетното дете. Но, ако се појави некој кој би се поставил себе си за воспитувач на возрасен четириесетгодишник и почне повторно да го повиткува во пелени, да го храни со мало лажиче, а за непослушност да го испаќа во ќош, тоа, благо речено, ќе предизвика недоумица, зар не? На зрелиот човек не му треба воспитувач. Исто така ни на човештвото, кое добило можност за лично, непосредно општење и живот со Бога и во Бога. Оној, кој се прогласува себе си за објавувач на Божјата волја, очигледно се покажува неумешен, излишен. Токму затоа, во Новиот Завет не се споменуваат идни нови пророци кои би биле испратени од Бога со особена мисија, но затоа постојат предупредувања за тоа дека ќе се појават многу лажни пророци и ќе прелажат мнозина  (Мт. 24, 11). И уште, самиот Господ предупредувал дека многумина од оние кои се нарекуваат себеси пророци, всушност се вакви: Пророците пророкуваат лага во Мое име, Јас не сум ги пратил и не сум им дал заповеди, ниту сум им зборувал; тие ви проповедуваат лажни виденија и баења, суета и измислици од своето срце (Јер. 14, 14).

Како второ, христијаните не го признаваат Мухамед за пророк, бидејќи тој учи директно спротивно на Христа.

Ќе наведеме неколку примери.

Христос рекол: Секој што ја остава жената своја и се жени со друга, прељубодејствува, и секој што се жени со напуштена, прави прељуба  (Лк. 16, 18); и жена , ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува  (Мк. 10, 12). Од друга страна, Куранот учи вака: ако раведени маж и жена посакаат повторно да се состават во брак еден со друг, жената најпрво мора да се омажи за друг маж (!), потоа да се разведе од него и дури после тоа да се врати на претходниот: „ А ако ја распушти повторно, тогаш не може да му се врати ако не сака да се омажи за друг маж. Па ако овој ја пушти, тогаш не е грев тие двајцата да се вратат еден на друг.“  (Куран 2: 230).

Во Новиот Завет стојат зборовите: Ниеден, кога е во искушение да не вели: Бог ме искушава, бидејќи Бог со зло не се искушува и Он никого не искушува, но секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. (Јак. 1, 13 – 14); а во Куранот, како од Божјо лице, се говори: Ние ќе ве доведуваме во искушение, час на еден, час на друг начин: со страв, глад, губиток на имотот, животот, приносите“ (2: 150, 155).

Новиот Завет: Не одмаздувајте се возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатувам – вели Господ (Рим. 12, 19). Куран: “ О, верници, вам ви се пропишува одмазда за убиените“ (2:178).

Можно е да се наведат уште многу примери, но ќе се ограничиме само на овие.

Оваа очигледна противречност е уште една силна причина за недовербата на христијаните спрема пророчката мисија на Мухамед. Бог не може да си противречи Себеси и да дава директно спротивставени заповеди, оттаму Новиот Завет и Куранот – тоа се откровенија од различни извори, а тој, којшто го донел Куранот, не е пророк на Оној Бог, Кој им го дарувал Евангелието на христијаните.

Како трето, тврдејќи дека е пророк, Мухамед не навел никакви објективни докази за својата избраност за тоа дело.

Како што им говорел на муслиманите светителот Григориј Палама, “и кај вас и кај нас е обичај, утврден долго време и со закон: без сведочење ништо да не се прима и да не се смета за вистинито. А сведочењата можат да бидат двострани: тие потекнуваат или од самите дела и појави или од луѓе достојни за доверба. Така Мојсеј го казнил Египет со знаци и чудеса, го раздвоил морето со жезол и пак го споил, по неговата волја паѓал леб од небото (види: Изл.16,4 ). Дали треба уште нешто да се говори, бидејќи и вие го сметате Мојсеј достоен за верување? Него и Бог го признал како Свој верен слуга (види: Броеви 12,4), но не како Син и не како Логос. Потоа, по Божја заповед, тој излегол на гората и умрел, и се присоединил со оние кои биле пред него (Види: Пов. Зак. 32.49,50). Во однос на Христа, Кој извршил многу големи и невозможни дела, имаме сведоштва од самиот Мојсеј и другите пророци. Од почетокот на векот, единствено Него Го признаваат, дури и вие, за Логос Божји; од почетокот на векот единствено Он еден и единствен е роден од Дева; единствено Он, од почетокот на векот, е вознесен на небо и останува таму бесмртен; единствено Он, од почетокот на векот, како што се надеваме, ќе се симне оттаму, за да им суди на живите и на мртвите (види: 2 Тим. 4,1; 1 Пет. 4,5) кои ќе воскреснат. За Него ви го говорам она што и вие муслимани го признавате. Ете зошто ние веруваме во Христа и му веруваме на Неговото Евангелие. Што се однесува до Мухамед, за него не наоѓаме ниту сведоштво од пророците, ниту било што необично и достојно за сеќавање во неговите дела, што би било способно да предизвика вера во него. Затоа не веруваме во него и не и веруваме на неговата книга“.

Значи, сосема е разбирлива забелешката дека за да се прими било што за вистина, потребно е за тоа да се имаат силни причини. Бидејќи и самите муслимани не ги прифаќаат за пророци сите оние кои себеси така се нарекуваат. На пример, во XIX век, на територијата на Пакистан, се појавил човек кој се прогласил себе за нов Алахов пророк, кој е повикан да го воспостави откровението кое е заматено од современиот ислам. Тој си нашол следбеници, но огромно мнозинство муслимани не ја признало неговата претензија дека е пророк, туку ахмадијците ги сметаат за еретици. А сосема неодамна, една жена во Азербејџан, се објавила себеси за пророчица, но муслиманите не брзаат да ја признаат. Веројатно затоа што не гледаат доволно докази за тоа.

Сосема на ист начин и христијаните не гледаат такви докази во однос на Мухамед. Се разбира, Мухамед се обидувал да ги достави. Но, доказите треба да одговараат на нивото на претензиите. Да претпоставиме  дека ќе истапи некој човек и ќе објави: „Слушајте луѓе! Вие сте должни од сега да ми се потчинувате како на свој водач, освен тоа, јас сум ви пример во се’, затоа што сум директен пратеник Божји!“ Природно, се поставува прашањето: а зошто ние би требале да те сметаме за таков? А како одговор: „Па еве, јас имам толку добри стихови. Такви никој не може да напише!“ Признајте искрено: зарем ако чуете таква аргументација, ќе сметате дека таа е доволна?

А еве го и единствениот „доказ “кој го навел Мухамед, – неговиот соствен Куран: „ А ако се сомневате во она што му го објавуваме на Својот роб, напишете една сура слична на оние што му се објавени нему, а повикајте ги и вашите божества, освен Алах, ако ја говорите вистината. Па ако не го направите ова, а нема да го направите, тогаш чувајте се за огновите подготвени за неверници, чие гориво ќе бидат луѓе и камења“! (2: 21-22). На друго место Мухамед бара за тоа да се состават не една, туку десет сури (11:16).

Не е ни чудо што арапскиот мислител Ар-Раванди (умрел 906 г.) извикувал: „Како е можно да се докажува вистинитоста на пророчката мисија на Мухамед врз основа на неговиот сопствен Куран? Ако Евклид почнел да тврди дека луѓето никогаш не можат да создадат ништо слично на неговата книга, зарем на таа основа би можело да се тврди дека тој е пророк? “[1]

Еве како изгледа муслиманската аргументација од страна: Мухамед се смета за пророк затоа што го добил „светото писмо“ – Куранот, а Куранот се смета за свето писмо затоа што така го нарекол „пророкот“ Мухамед. Ова е типична логичка грешка: не може да биде доказ, она што и самото треба да биде докажано.

Да се вратиме на нашиот пример: дали ќе му поверувате на човекот кој претендира за титулата водач и пророк само на основа на неговите стихови? Дури и ако тој покаже навистина добри стихови?[2] Не би рекол. Стиховите, тоа секако е нешто добро, но тие можат да ги потврат само намерите за титулата поет. А, кога се говори за достоинството на пророкот, тогаш се потребни посериозни докази и притоа од сосема други области.

За да сфатиме какви докази можат да се сметаат за доволни, најпрво да се потсетиме што е тоа пророштво.

Пророштво – тоа е особен дар од Бога. Пророкот ја објавува иднината. Тоа е доказ за неговата вистинита врска со Бога. Како што знаеме, времето е особеност на нашиот создаден свет. Сите ние постоиме во времето, примајќи ја сегашноста, минатото и иднината. Нам ни е неизвесно она што навистина ќе се случи. Тоа точно го знае само Оној Кој се наоѓа надвор од времето и Кој јасно го гледа нашето минато, нашата сегашност и иднина. А надвор од времето и просторот се наоѓа само Оној Кој го создал и времето и просторот – Бог. На оние, кои се наоѓаат во непосредно општење со Него, односно пророците, Он, од Своето Божествено знаење им го открива она што ќе се случи.

Токму затоа во Библијата се дава јасен критериум како да се разликува лажен од вистински пророк: И рече… Господ: …Кој, пак, пророк ќе се осмели да зборува од Мое име, она што не сум му заповедал да говори и оној што ќе зборува од името на други богови, таквиот пророк да биде погубен. Но ќе си речеш во срцето свое: »како ќе ги разбереме зборовите, што не ги кажал Господ?« Еве како ќе ги дознаете: ако пророкот говори од името на Господа, и зборовите не се збиднат и не се исполнат, тогаш Господ не ги кажал тие зборови, туку ги кажал пророкот по своја гордост, – и не бој се од него. (Пов.Зак. 18,20-22). Ако некој пророк претскажал мир, само тогаш тој бил признаван за пророк, навистина испратен од Господа, кога ќе се исполни зборот на тој пророк. (Јер. 28,9).

Секој од читателите може да изрече формално „пророштво“. На пример, може да каже: утре ќе напишам писмо и навистина утре тоа и да го направи. Сепак, совршено знаеме дека ова нема врска со вистинското пророштво, бидејќи тој не ја знае реалната иднина и лесно може да се случи утредента да не му е до пишување писмо.

Сосема на истиот начин дејствуваат лажните пророци и гатачите, исто како и ѓаволот, кој претскажува преку нив: тие прогнозираат за нешто – тоа е план на нашите претпоставени дејствувања. Но, ни ѓаволот не ја знае иднината; тој како создание, се наоѓа „внатре“ во времето. Токму затоа и ѓаволските претскажувања, како и човечките прогнози, секогаш се дадени во краткорочна перспектива. Тоа е разбирливо. Лесно е да се каже: утре ќе напишам писмо и да го напишам, но да планирам за година дена да напишам писмо и тоа да го исполнам – е, тоа е веќе посложено. Веројатноста да го исполнам дури и својот план е многу помала. А пак да се каже: за триесет години ќе напишам писмо, тоа е уште посложено. Којзнае дали до тогаш воопшто ќе бидеме живи!? Да се каже пак: за сто години мојот потомок ќе напише такво и такво писмо? Овде веќе, секако, ќе одмавнеме со рака…

Но, еве во Библијата постојат конкретни пророштва, кои се збиднале детално, неколку столетија откако биле искажани и запишани. Нивната издржаност е несомнена: ракописите со тие претскажувања датираат многу векови пред нивното исполнување. Еве примери. Еднаш некоја жена Му пристапила на Христа со алабастерен сад и излила миро на Неговата глава. Кога апостолите негодувале заради растурањето на толку драгоценото миро, слушнале: вистина ви велам: каде и да биде проподано ова Евангелие, по цел свет, ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа. ( Мт. 26, 13). Овие зборови се наоѓаат во манускриптот п 64, кој датира од II век по Раѓањето Христово, кога христијанството било гонето, а христијаните по бројност биле не многу голема група. Како да се говори за проповед по целиот свет, кога по сите човечки мерила, немало никаква гаранција дека дури ни Писмото воопшто ќе се сочува. Да се потсетиме дека подоцна, во почетокот на IV век, имераторот Диоклецијан донел указ по целата Римска империја да се одземаат и  уништуваат христијански книги, со намера да го уништи христијанството: „да загине името христијанско“ – така било напишано во неговиот указ. Сепак, сите сме сведоци дека зборовите на Господа Исуса Христа точно се исполниле, со сите детали, а притоа многу столетија подоцна. Сега Библијата е најраспространета книга на светот, ја читаат на сите шест континенти, преведена е на 2426 јазици, издадена е во вкупен тираж од околу 6 милијари примероци и по целиот свет е позната историјата за жената со алабастерен сад. Ова е конкретен пример на точно пророштво, кое не е дополнително запишано, туку постои во ракописите, кои се постари отколку исполнувањето на истото, а во точното исполнување секој може сам да се увери.

Уште еден пример. Пророкот Исаија претскажува: и Вавилон, украсот на царствата, гордост на Халдејците, ќе биде соборен од Бога, како Содом и Гомор, нема  да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род… (Ис. 13, 19-22).

Исто така и пророкот Јеремија соопштува откровение за Вавилон: и од тебе нема да земат камен за агол, ниту камен за темели, туку ќе бидеш вечна пустелија, вели Господ (Јер. 51, 26).

Кога е кажано ова пророштво во VIII век пред Христа, овие зборови се чинеле неверојатни: тогаш Вавилон постоел илјада и половина години и цветал.

Во VI век пред Раѓањето Христово, армијата на персискиот цар Кир го освоила градот и делумно го разрушила. Во IV век пред Раѓањето Христово, со Вавилон завладеал Александар Македонски, кој решил да ја обнови населбата која пропаднала, да воспостави главен пагански храм и да го направи Вавилон престолнина на своето царство. Сепак, наскоро после таа одлука, големиот војсководец се разболел и умрел – пред воопшто рушевините да бидат расчистени.

Најстариот список на книгите на пророкот Исаија – Qisa датира од II век пред Христа, а најстариот папирус со текстот на книгите на пророкот Јеремија – од III век пред Христа. Во тоа време Вавилон сеуште бил населен. А веќе во I век после Раѓањето Христово, потполно се исполнува пророштвото, кога во 116 година поминувал од таму, императорот Трајан нашол само „купишта и легенди за нив“.

Александар Македонски не бил единствениот владетел кој се обидел да го оспори пророштвото. Кон крајот на осумдесетите години на XX век лидерот на Ирак, Садам Хусеин, наредил да се подготви проект за обнова на Вавилон. Тој сакал таму да подигне град со гостилници и места за забава и да го претвори во најголем туристички центар на Блискиот Исток.  Почетокот на работата бил во 1991 година… а таа година бил и крајот поради операцијата „Пустинска бура“. И така, ние го гледаме буквалното исполнување на Бојжјите зборови во текот на илјада години, во таа смисла и во наше време.

Во Библијата, исто така, има и многу други јасни примери за вистинитоста на пророштвата.

Тоа пак, никако не може да се каже за „пророштвата“ на Мухамед. Притоа, во Куранот самиот тој директно говори дека не знае „ што ќе биде со мене или со вас“ (46:9). Во еден од хадисите, Мухамед тврди: „Никој не знае што ќе биде утре, што е сокриено во утробите, што ќе стекне тој утре, во која земја ќе умре и никој не знае кога ќе падне дожд“  (Бухари, 1039). И така, самиот тој нагласува дека не ја знае иднината, но тоа е, така да кажеме, половина од маката. Согласно со муслиманските извори, Мухамед сепак давал претскажувања, а тие пак – не се исполнувале!

Еве пример: „Еднаш, при крајот на својот живот, пророкот ја заврши со нас вечерната молитва, се исправи и рече: „Дали сфаќате каква е оваа ноќ? Навистина, сто години после оваа ноќ, на Земјата нема да остане ниедно живо создание“ (Бухари, 116). Секој кој ги чита овие редови истовремено го побива ова лажно пророштво, бидејќи не само по сто, туку еве веќе и после илјада и петстотини години Земјата се полни со жители.

Уште еден хадис: „Пратеникот на Алах рече: „Еуфрат наскоро ќе отвори ризница со злато, но тие, кои ќе живеат во тоа време, ништо оттаму нема да земаат…Еуфрат ќе разоткрие планина со злато под него“  (Бухари, 7119). За повеќе од илјада и петстотини години тоа „наскоро“ сеуште не настапило.

И уште: „Никогаш нема да има успех народот, кој ќе постави жена за свој владетел“ (Бухари, 9:88, 219). Англискиот народ сосема добро успевал при полувековното владеење на кралицата Елизабета II, како што и пред тоа успевал под владеење на кралицата Викторија. Можно е да се наведуваат уште аналогни примери од историјата, но образованиот читател и онака знае.

Како што се сеќаваме од Библијата, по Мојсеевиот закон, не само што било доволно едно пророштво кое не се исполнило, за таквиот човек да се смета за лажен пророк, туку и со него да се постапи сосема сурово: таквиот пророк да се погуби (Пов. Зак. 18, 20).

Сепак, ова не е единствениот критериум, а Божественото Откровение ни дава друг универзален начин за одредување дали откровението е вистинито или лажно, а исто така и оние кои го изнесуваат.

Еве го и другиот Библиски критериум: Но дури и ние или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема! (Гал. 1,8).

Сосема логично. Бидејќи муслиманите знаат дека Свето Писмо на христијаните е Библијата, за да го признаат Мухамед за пророк или барем за човек кој не е во заблуда, потребно е како минимум, неговото учење да не противречи на она што ни е веќе познато како вистинско Божјо Откровение.

Она што е интересно е дека самиот Мухамед бил совршено согласен со тој критериум. Во Куранот се говори дека тој е оној кој „потврдува дека и претходните објави се вистинити – како патоказ и радосна вест за верниците“ (Куран 2:97), а исто така се прецизира што конкретно има во вид: „Он тебе ти објавува Книга, права вистина, која претходните ги потврдува, а Теврат[3] и Инџил[4] ги објави уште порано како патоказ на луѓето“ (Куран 3:3-4). На друго место се зборува дека она што Го донел Исус е „ Инџил, во кое е упатството и светлото“ и дека тоа е дадено „да го потврди Теврат, објавен пред него, во кој исто така, има упатство и поука за оние кои се бојат од Аллах“ (Куран 5:46).

На крајот, за христијаните директно е заповедано: „и на следбениците на Инџилот им наредивме да судат според она што објави Аллах во него“ (Куран 5:47). Ние така и постапуваме, не затоа што го слушаме Куранот, туку затоа што тоа е напишано во Библијата и тоа го поддржува здравиот разум.

Сепак, дури и на муслиманите им е познато дека во она што го донел Мухамед, во кое божем се потврдува Библијата, се наоѓаат сосема суштински и дури кардинални противречности на Библијата. Тоа веќе го покажавме порано.

Затоа, ни овој критериум Мухамед не го задоволува.

Како четврто, Мухамед како што е познато по муслиманските преданија, не одговара на моралниот лик на пророците, какви што ги претставува Светото Писмо.

Мухамед е користољубив. Тоа, пред се’, го разликува од вистинскиот пророк. Сите вистински пророци се некористољубиви, тоа не е просто лична карактерна црта на секој од нив, туку сведоштво за тоа дека оној кој навистина има врска со Седржителот, не може да зависи од смртни луѓе.

Пророкот Елисеј, со силата Божја го исцелил Нееман од лепра и тогаш се врати при Божјиот човек, тој и сите придружници негови, дојде, застана пред него и рече: Еве, познав дека по целата земја нема Бог, освен во Израилот. Прими пак, сега дар од твојот слуга. Елисеј одговори: Жив Господ пред чие лице стојам. Не примам! Он го принудуваше да земе, но тој не се согласи. (4 Цар. 5, 15-16). А кога пророкот дознал дека неговиот слуга Гиезиј го стигнал Неемана и барал пари и облека во негово име, па го сокрил тоа во својот дом, рекол: Затоа Неемановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш. И тој излезе од него, бел како снег од лепрата (4 Цар. 5, 27).

Кај пророкот Валаам, само што се појавила помисла да појде кај Валак поради лична корист, тоа веќе било сериозен грев пред Бога за кој пророкот се покајал (Броеви 22-24), но секако бил убиен (види: Броеви 31,8), и станал симбол на погубното користољубие (види: Јуд.1,11). Тој момент е суштински.

А во Куранот христијанинот постојано ја гледа користољубивоста на „пророкот“. Ниту еден пророк Божји не изрекол такви „откровенија“, како што се, на пример, овие: Од се што ќе заплените во борба, една петина му припаѓа на Пратеникот (види: Куран 8:42), или мене ми е дозволен неограничен број жени (види: Куран 4:3), или мене ми е дозволено да ја земам жената на мојот посинок (види: Куран 33: 36-51), или сите недвижности запленети од непријателите се моја сопственост (види: Куран 59:7), или мене Бог ми дозволи да не се придржувам на заклетвата која сум им ја дал на жените (види: Куран 66: 1-2), итн.

Замислете си, во Библијата се наброени неколку десетици пророци по име: Мојсеј, Арон, Самуил, Давид, Гад, Натан, Самеј, Ахија, Јуј, Ада, Илија, Одед, Елисеј, Михеј, Јона, Исаија, Јеремија, Варух, Језекиил, Агеј, Захарија, Даниил, Осија, Јоил, Амос, Авдиј, Наум, Авакум, Софронија, Малахија, Јован Крстител. Многу од нив оставиле запишани книги со откровенија. За животот и откровенијата на другите соопштуваат библиските историски книги и ниеден од вистинските пророци Божји ниеднаш не изрекол нешто слично. Уште повеќе, дури и мала добивка во мислите, веќе кажавме, се сметала за смртен грев.

А алчноста, леле, не е единственото што го разликува Мухамед од библиските пророци.

Ниеден од нив не земал за жена деветгодишно девојче, како Мухамед – Ајша; ниеден не ги подложувал заробениците на мачење, како Мухамед – Кинан; ниеден не ги силувал жените заробени во битки, како Мухамед – јудејката Рајхана; ниеден не ги присилувал другите да го признаат за пророк под закана со смртна казна; ниеден не испраќал најмени убијци под закрила на ноќта да се пресметаат со опонентите како Мухамед – со Кааб ибн Ашраф, Асам бинт Марван, Абу Афак, ал – Харис ибн Сувајд, Умм Кирф и Абу Рафиј; ниеден не се бавел со кражби, како Мухамед што ги напаѓал караваните; ниеден не сметал дека е можно да ја наруши заклетвата која самиот ја дал.

Како што гледаме,  различноста на Мухамед, според муслиманските искази, од вистинските пророци Божји е многу значајна.

На крајот, главната разлика на Мухамед од вистинските пророци Божји е: тој бил неспособен да твори чуда. Нему, Арапите-пагани, многукратно му говореле: направи чудо – и ние ќе ти поверуваме. Но, Мухамед цело време се оправдувал со тоа дека само Алах може да прави чуда, а дека тој е само „оној кој опоменува“. Еве пример од „Сирата“ на  Ибн Хишам, кога Курајшитите го прашале да го потврди неговото пророчко тврдење со било каков знак: „Тие рекоа: Замоли го својот Господ, да испрати заедно со тебе свој ангел, кој ќе ги потврди твоите зборови и ќе те заштити… Тогаш и ние ќе се убедиме во твојата висока положба кај твојот Господ“. Мухамед им одговорил: „Нема да го направам тоа… Господ не ме испрати кај вас за тоа. Алах ме испрати како известувач и пробудувач“. Тие му рекле: „ Во тој случај, сруши го небото над нас, на парчиња! Како што тврдеше дека твојот Господ ќе го направи тоа, ако сака. Нема да ти поверуваме додека не го направиш тоа“. Мухамед одговорил: „Тоа е дело на Алах. Ако сака тој да го направи тоа со вас, ќе го направи“. Тие му рекоа: „О, Мухамеде! Зар не знаел твојот Господ дека ќе седиме со тебе и дека ќе те прашаме за она што те прашавме и дека ќе го побараме од тебе она што го побаравме? Зар не дојде кај тебе да те научи како да одговараш на нашите прашања, како да постапиш со нас, ако не го примиме она што ни го донесуваш?“

Во Куранот, јасно е речено за тоа: А оние кои не веруваат говорат: „Зошто неговиот Господар не му испрати чудо? “ Твое е да опоменуваш (Куран 13:7);  и велат: „ Нема да поверуваме, се’ додека не ни изведеш жива вода од земјата; или додека немаш градина од палми и лозје, па низ неа насекаде да поминуваат реки, или додека не го срушиш над нас небото на парчиња, како што тврдиш; или додека не го доведеш Аллах и мелеките како гаранција; или додека не направиш куќа од злато; или додека не се искачиш на небото; а нема да поверуваме и да си се искачил, се додека не ни ја донесеш Книгата да ја читаме.“ Речи: „ Нека е фален мојот Господар! – зарем не сум јас само Пратеник?“ (Куран 17: 90-93). Кога Мухамед навистина би бил чудотворец, кога сите легенди опишани во подоцнежните муслимански преданија би биле вистинити, нему не би му претставувало напор да одговори на тие прашања. Но, кога и да му поставеле прашање на Мухамед во Куранот, може ли тој да ги повтори чудата на претходните пророци, одговорот секогаш бил непроменлив – не.

Дури и да се случиле чудата, кои му се припишани на Мухамед во муслиманските преданија (а тие по правило секогаш се случувале во присуство на „своите“), самата неможност да напрви чудо тогаш кога тоа од него го барале како потврда дека тој навистина е од вистинскиот Бог, сосема е симптоматична. Пророците на Ваал, кои излегле да се натпреваруваат со пророкот Илија во друго време, исто така можеле да творат чуда со магиска сила – со тоа се објаснува како тие самоуверено тргнале на натпреварување. Но, штом е поставено прашањето за вистинскиот Бог, тие се покажале немоќни (види: 3 Цар. 18).

Следната принципиелна разлика е – формата на призивот за пророкување. За библиските пророци сосема е незамисливо тоа што се зборува за Мухамед: Навечер му се јавил некој страшен и веднаш почнал да го мачи, присилилувајќи го да чита, а притоа Мухамед бил неписмен, според тврдењето на муслиманите.

Еве како се опишува тоа: „Кога настапил тој месец… Алаховиот пратеник отишол на гората Хира… Кога настапила ноќта, Џибрил му ги принел Алаховите заповеди. Алаховиот пратеник говорел: „Ми се јави Џибрил кога спиев, со некаква книга замотана во брокатно покривало и рече: „Читај!“ Јас одговорив: „Јас не знам да читам“. Тогаш тој почна да ме дави со она покривало, така што помислив дека дошла смртта. Потоа ме пушти и рече: „Читај!“ Јас одговорив: „Јас не знам да читам“. Тој повторно почна да ме дави и јас помислив дека умирам. Потоа ме пушти и рече:  „Читај!“. Јас одговорив: „ Што да читам?“, сакајќи само да се избавам од него, за да не почне повторно да ми го прави она од порано. Тогаш тој рече: „Читај!“ Во името на твојот Господ, кој го создаде човекот од грутка. Читај! Бидејќи твојот Господ е најмилостив, кој со перо за пишување го научи човекот на она што не го знаеше“ (Куран 96: 1-5).

После тоа давителот исчезнал, а Мухамед го опфатило такво очајание, што решил животот да го заврши со самоубиство. Но, кога веќе се подготвувал да скокне од карпата, повторно го видел истиот дух, се исплашил и од страв избегал дома, каде што на жена си Хадиџа и’ го раскажал видението, велејќи и’: „ О, Хадиџа! Во името на Алах, јас никогаш ништо толку не сум мразел, како идолите и врачевите, и се плашам дека и јас самиот ќе станам врач…О, Хадиџа! Слушнав звуци и видов светлост, се плашам дека сум полудел“ (Ибн Саад. Табакат. Т. 1. Ц. 225).

Таа отишла кај својот роднина- христијанинот Варак, и тој го протолкувал значењето во смисла дека тоа било јавување на архангелот Гавриил, којшто божем им се јавувал на сите пророци и дека Мухамед исто така, според ова, е пророк на единиот Бог.

Ниеден вистински пророк, ниту Бог, ниту ангели, не го мачеле и не го присилувале да се потчини на призивот. Бог, никому не му ја нарушува волјата, туку напротив. Мојсеј, на пример, доаѓајќи до капината во пламен, го слушнал гласот Божји и Господ најнапред се претставува: Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов (Исх. 3,6), а после тоа предлага: А сега појди – Јас те испраќам кај Фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот мој, синовите Израилеви, од Мисир (Исх.3,10). Од почетокот Мојсеј се двоуми: Кој сум јас, та да одам кај фараонот, царот египетски и да ги изведам синовите израилеви од Мисир? (Исх. 3, 11). Но, Бог не почнува да го дави, како што некој го давел Мухамед, туку разумно го убедува, поддржува: Ќе бидам со тебе и ова нека ти биде знак дека Јас сум те испратил (Исх. 3, 12). И Мојсеј убеден и укрепен од Бога, решава да стапи на пророчки пат.

Еве го и призивањето на Јеремија. Најнапред Господ му објавил кој е Он: Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите (Јер. 1, 5) и дури потоа објавува за пророчката служба. И пророкот Јеремија, исто така, во почетокот се сомнева во сопствените сили: Ох, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум дете (Јер 1.6). Но, и овде, Господ, Кој љуби, не почнува да го гуши, туку словесно го убедува и бодри: Не се плаши од нив; зашто Јас сум со тебе за да те избавам, рече Господ. И ја протегна Господ раката и се допре со устата моја и ми рече Господ: ете Јас ги ставив моите зборови во устата твоја (Јер. 1, 8-9).

На пророкот Језекиил пак, му било јавено самото видение на Божјата слава, така што тој со смирение падна ничкум. И што му рекол Господ? Во тие времиња, кога на простите луѓе не им било дозволено ни да говорат стоејќи пред царевите, Бог објавува: Сине човечки, стани на нозе и Јас ќе говорам со тебе (Језек. 2,1) и повторно убедува и укрепува усно: Сине човечки, Јас те праќам при Израилевите синови, при непокорни луѓе, кои се побунија против Мене… А ти, сине човечки, не бој се од нив и не плашии се од нивните зборови… слушај што ќе ти кажам и не биди како тој отстапнички дом, отвори ја устата и изеди го она што ќе ти го дадам  (Језек. 2, 3-8). Потоа, на пророкот му дава небесен свиток и јас го изедов и во устата почувствував сладост како мед (Језек. 3, 3).

И пророкот Исаија, исто така, имал видение: Во годината кога умре цар Озија, јас Го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат… И реков: Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ, исто така, со нечиста уста, а очите мои го видоа Царот – Господа Саваот. Тогаш долета до мене еден од серафимите со разгорен јаглен во раката, што го беше зел со клешти од жртвеникот, се допре до устата моја и ми рече: Ете, тоа се допре до устата твоја и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти (Иса. 6, 1, 5-7). Да обратиме внимание, пророкот не соопштува за никаква болка од допирот на очистувачкиот небесен оган, бидејќи тој не причинува болка, како и чудесниот благодатен оган, кој секоја година слегува на Гробот Господов во Ерусалим, како што и небесниот свиток на пророкот Језекиил се покажал сладок како мед. Уште поважно е тоа дека ни Бог, ни серафимот, не го присилуваат Исаија да стане пророк, не ја наметнуваат својата волја и не ја нарушуваат насилно волјата на пророкот – се’ е сосема обратно: И го чув гласот на Господа, Кој рече: Кого да испратам и кој ќе отиде заради нас? А јас реков: Еве ме мене, испрати ме мене (Иса. 6,8).

Некои муслимански полемичари, за да го оправдаат Мухамед, се потпираат на епизодата на борбата на правениот Јаков со Бога, а исто така и на тоа што божем „Бог со сила го принудил упорниот пророк Јона да го прими откровението одозгора и да го соопшти на жителите на Ниневија: Он подигнал бура на морето и му заповедал на китот да го проголта“. Така може да зборува само оној, кој не знае, или оној, кој намерно го искривува текстот на Светото Писмо. Бог не му се јавува на Јаков за да го повика на пророштво: А кога остана Јаков сам, тогаш некој се бореше со него до зори (1. Мој. 32, 24). Јасно се гледа дека Бог ништо не бара од него и не бара да ја прифати Неговата волја. Уште поважно е тоа што борбата на Јаков со Бога се завршила сосема спротивно од борбата на духот со Мухамед – Јаков победил: И кога виде дека не може да го совлада, се допре до бедрото, така што на Јакова му се измести колкот од зглобот, додека се бореше со Него. Па тогаш рече: пушти ме веќе, зора е! Но, Јаков одговори: Нема да те пуштам, додека не ме благословиш. И му рече: Како се викаш? А тој одговори Јаков. Тогаш му рече: Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израил ќе е, зашто храбро се бореше со Бога, па и со луѓето силен ќе бидеш (1.Мој. 32, 25-28).

Овде е сосема правилно да се праша: кој е појак – Бог или човекот? Се разбира, Бог. Зошто тогаш Јаков победил? Јасно е: само затоа што така посакал Бог. Светите Отци на Православната Црква го наведуваат овој текст како пример за односот на Бога кон човечката слобода. Он, почитувајќи го Својот дар – човековата слобода, не ја нарушува, туку се повлекува пред неа. Затоа Јакововиот пример покажува дека оној, кој му се јавил на Мухамед во пештерата, не бил испратен од Јакововиот Бог.

Што се однесува до пророкот Јона, овде муслиманските апологети го збунуваат читателот. Господ го испратил китот да го проголта Јона не како казна или мака, туку за негово спасение, кога морнарите го фрлиле преку палубата за време на бурата: Па, го зедоа Јона и го фрлија во морето… И му заповеда Господ на еден голем кит да го проголта Јона (Јон. 1,15 2,1). Ова како прво. А како второ, тврдењето дека притоа  „во утробата на китот условите на пророкот за слободен избор и размислување не биле сосема удобни“, се сопствени шпекулации на муслиманите. Никаде во книгата на пророкот Јона не е речено за некакви „неудобни услови“. Самиот престој на Јона во утробата на китот е чудо, кое го признава и Куранот, а во услови на чудо, според нашето сфаќање, за Бога не е тешко да го направи пребивањето на пророкот во утробата на китот не само малку, ами многу поудобно во споредба со нашето. Целата втора глава во книгата на пророкот Јона е посветена на неговата молитва произнесена од морските длабочини, но во таа молитва тој никаде не се жели на „неудобните услови во утробата на китот“, коишто божем го принудиле пророкот да се согласи, како што тоа муслиманите се обидуваат да го претстават. Напротив, оваа молитва сосема сведочи за Јониното покајание и доброволната одлука да ја следи Божјата волја. И на крајот, како трето, дури условите и да биле навистина „неудобни“ (макар што ни Библијата, ни самиот пророк не зборува за тоа), сепак „неудобни услови“ и мачење – тоа се две сосема различни нешта. Ни Библијата, дури ни Куранот, не говорат за тоа дека во утробата на китот на Јона му се јавувал ангел и го давел, присилувајќи го да ја прифати Божјата волја. Во тој случај, аналогијата меѓу призивањето на Мухамед и на Јона би била точна. Меѓутоа, ни едното, ни другото, ни третото не постојат: И Јона остана во утробата на тој кит три дена и три ноќи. Му се помоли Јона на својот Господ Бог од утробата на китот… Тогаш му заповеда Господ на китот и тој го исфрли Јона на суво (Јона 2,1 2,11).

И така, три основни разлики се видливи во Мухамедовиот призив. Како прво, духот кој му се јавил, не се претставил, кој е тој и од кого, па затоа и самата жртва се посомневала дека е од ѓаволот. Како второ, тој дух веднаш почнал да го мачи и да го принудува да му се потчини: „почна да ме дави со она покривало, така што помислив дека дошла смртта“. И на крај, како трето, резултат на тие иницијации било тоа што Мухамед паднал во очај и решил да заврши со самоубиство – ниеден вистински пророк не почувствувал желба да заврши со себеси после видувањето на Бога или Неговите ангели!

Не е видлива паралела помеѓу дадениот начин на „откровение“ во христијанското Свето Писмо со Куранот. Но, затоа пак, видливи се некои паралели со призивот на шаманите, кога на човекот наидува некоја сила и го присилува да стане спроводник на нејзината волја и нејзин служител во светот. Како што е познато, никој не станува шаман по своја волја. Шаманите ги бираат оностраните сили за нивната служба, а потоа духовите го присилуваат, во таа смисла и со мачење (т.н. шаманска болест) кандидатот да ја прими мисијата која му е одредена[5]. Видлива е истата паралела и во призивањето на Мухамед и во призивањето на шаманот – насилство над личноста, желба со сила и мачење да се принуди човекот да прифати туѓа волја. Таа паралела ја воочиле и мирските истражувачи, на пример: Мирча Елиаде[6], М.Б. Пјотровски[7], Е.А. Резван брз база на И.Н. Виникова[8].

Се разбира, паралелите не значат идентитет. Сепак тие даваат повод за размислување.

Освен тоа, за разлика од Мухамед, ниеден библиски пророк не бил изложен на дејството на маѓесници и врачари. Ајша, жената на Мухамед говорела: „Врачањето дејствувало на пророкот, така што тој почнувал да мисли дека направил работи кои не ги направил“, потоа сонил сон, каде му се јавиле двајца луѓе и му рекле дека тоа е последица на магијата која му ја направил Лубајд бен ал- Асам (Бухари, 4:54, 490). Во друг хадис се објаснува дека под дејство на магија му се чинело дека имал сексуално општење со жените, иако тоа не се случило во реалноста (Бухари, 7:71, 660).

Се случило и ова: Соопштувајќи го добиеното откровение Мухамед одеднаш ги објавил паганските божици ал-Лату, ал-Узу и Манат за вистински застапници, „на чие застапништво треба да се потпираат“. Како што гласи муслиманското предание, вечерта му се јавил Џибрил (Гаврил) и му рекол дека тие зборови дошле од сатаната. Мухамед се уплашил, но Џибрил го успокоил, уверувајќи го дека сатаната божем секогаш се обидува да се замеша во божественото откровение и му дал правилен текст во кој, напротив, се осудуваат тие лажни божици. (Куран 53: 21-23). Тој расказ е запишан речиси во сите рани биографии на Мухамед (освен во една). Тој може да се најде во делата на Ибн Исхака, ал – Вакида, Ибн Саада, ал – Балазура, ат – Табара и аз – Замахшара.

Освен тоа, како оправдување за Мухамед, во Куранот се говори: Пред тебе, ние не сме испратиле ниеден пратеник и известувач на верата, во чие кажување не би додавал нешто ѓаволот; Аллах го отклонуваше она што ѓаволот го додаваше, а потоа ги зацврстуваше своите зборови (Куран 22:52).

Меѓутоа, секој кој го знае Божественото откровение, ќе посведочи дека е сосема спротивно – на ниту еден вистински пророк Божји не му се случувале такви работи, кога тој изрекувал откровение или гледал Боженствени виденија, бидејќи сатаната се плаши да му пристапи и немоќен е да му наштети на Божјото дело. Ниеден Божји пророк никогаш не потпаднал под бесовско дејство да халуцинира и на јаве да го гледа она што не постои.

За христијанинот, начинот на Мухамедовите „откровенија“, како и неговите дела, многу потсетуваат на состојбата на духовна прелест, која настанува како резултат на дејството на паднатите духови врз човечката природа. Многу православни подвижници предупредувале на таа опасност. Еве што пишува, на пример, светиот Игнатиј (Брјанчанинов): „Кога злобниот дух на прелеста му се приближува на човекот, тој го смутува неговиот ум и го прави див, го огрубува и помрачува срцето, донесува страв и гордост, ги извртува очите, го збунува мозокот, целото тело го доведува до треперење“[9].

Еве ги зборовите и на преподобниот Григориј Синаит: „Прелеста, велат, доаѓа на два начина – во вид на фантазирање и дејствување. Првиот служи како почеток на вториот, а вториот како почеток уште и на трет начин – во вид на екстаза… Почеток на лажното фантазерско созерцание претставува мнението… Еве каков е другиот вид на прелест во облик на дејствување: тој има почеток во сладострастието, кое се раѓа од телесната похот… Распалувајќи ја целата природа и помрачувајќи го умот преку замислените идоли, го доведува во екстаза со опијанетост од своето огнено  дејство… Во оваа состојба опрелестениот…, дава лажни претскажувања, си претставува како да гледа некои светители и пренесува зборови кои, божем, тие му ги кажале“[10].

Муслиманите понекогаш, обидувајќи се да докажат дека Мухамед бил пророк, се потпираат на тоа што тој бил успешен политичар и војсководец и многумина обратил во својата вера. Ова се потполно несериозни аргументи: Александар Македонски и Џингис-кан биле далеку поголеми владетели и војсководци и притоа и двајцата се сметале себеси посебно поврзани со небесните сили. Зарем поради тоа треба да ги прифатиме нивите претензии? Можно ли е самите муслимани да го признаат Џингис – кан за пророк, а „Јасу“ – за откровение?

Значи, прилично детално и опсежно е покажано зошто христијаните не можат да го прифатат Мухамед за вистински пророк Божји. Има многу сериозни причини зошто Мухамед да не го прифатиме за пророк, а пак ниту една доволна за да го признаеме како таков.

UA-38420574-1