ЧЕНТО

ЧЕНТО

Петре Шилегов ни објасни за неговиот интерес околу Методија Андонов – Ченто пишувајќи „Старите вмровци (и нас чесните Македонци) на времето нѐ интересираше кој го уби Ченто“. Прво не ми е јасна поделбата во реченицава, од една страна се старите вмровци, а од друга страна се чесните Македонци, дали тоа значи дека старите вмровци не се ниту чесни ниту Македонци? Нејсе, дилемава ќе се обидам сам да си ја разјаснам.

Настрана вмровците, наспроти „чесните“, мене ме зачуди друго, како тоа на Шилегов кога пристапувал во партија веднаш не му кажале кој го уби Методија Андонов – Ченто. Зар не се фалат со тоа што тие го сметаат како успех, со нивниот „трофеј“ – затворањето на првиот претседател на Македонија, Методија Андонов – Ченто? За доброто на Петре Шилегов јас доброволно се нафаќам на кратко да му објаснам кој го убил Ченто, сѐ со цел да не црвенее низ ходниците на Бихаќка за прашања што се фундаментот на неговата партија.

Тргнувам од претпоставка дека Шилегов знае за улогата на Ченто за време на Втората светска војна и посебно за Првото заседание на АСНОМ, затоа и нема да навлегувам во детали. Шилегов, веднаш по војната југословенските власти, обидувајќи се да ги зацврстат позициите на државата, на внатрешен и на меѓународен план, почнале со централизација на власта. Зацврстувањето на позициите, преку неразумната централизација, довело до маргинализирање и до стеснување на областите во кои можат да дејствуваат републичките власти. Со одземањето на ингеренциите и со воведувањето нови принципи на работа преку наложување директиви што требало беспоговорно и безусловно да се спроведат, почнал отпорот на републичките раководители кон „централата“. Почетокот на оваа централизација, во НР Македонија се обидел да го амортизира токму Методија Андонов – Ченто.

На Првото заседание на АСНОМ, по иницијатива на Ченто, во членот три било наведено: „На секој граѓанин му је гарантирана сигурноста на личноста и на имотот, загарантирано је правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот“. Ченто бил на удар по сите одредби на овој член, прво, партијата на Шилегов не признавала приватна сопственост, а не признаваше и додека беше на власт, сѐ додека ВМРО не го донесе законот за денационализација, и, второ, неговата партија не признавала иницијатива во стопанскиот живот, сѐ мора да се контролира, исто како за време на транзицијата, кога беше анулирана сета чесна иницијатива. Таму каде што немало место за директиви, веднаш било сечено во корен. Посебно важен за партијата на Шилегов е членот 5 од Декларацијата на Првото заседание на АСНОМ во кој стои: „На сите граѓани им је гарантирана слободата на говорот, печатот, собранијето, договорот и слободата на здруженијето“. Сигурно Шилегов се прашува дали печатот бил балансиран. Не, не бил, печатот бил таков за каков неговата партија денес се залага – цензуриран. Ченто се побунил и за тутунскиот проблем, тој сметал дека Македонија треба да го преработува тутунот и да го контролира извозот на тутун, на тој начин девизите од шест милиони килограми тутун требало да влезат во Македонија место во централата во Белград. КПЈ ова го сметало за врв на сепаратизмот кај Македонците. Централната власт веднаш преку Андреја Хебранг дала до знаење дека никогаш нема да дозволи федерална единица да води надворешна трговија. Ченто се побунил и за масовните ликвидации, кои биле извршени без претходна судска постапка и без да се даде право на одбрана. Во тој момент Ченто си го испишал сопственото обвинение, кое ќе биде поднесено и пресудено од партијата, чиишто членови денес се прашуваат кој го убил Ченто.

cento-vo-zatvor

Ченто како претседател на АСНОМ, заедно со Панко Брашнаров, Емануел Чучков, Лазар Соколов и други, се залагал српските колонисти што заминале од Македонија веќе да немаат право да се враќаат во Македонија, а тие што останале да се вратат назад во Србија. Замислете каков „грев“. Згора на тоа, Ченто го поддржал решението од 1 декември 1944 година со кое се предвидувала забрана за влез на сите југословенски граѓани на територија на Македонија. Методија Андонов – Ченто на Третата седница на АСНОМ побарал на Македонија да ѝ се исплаќаат репарации за периодот од 1912 година до 1941 година, период кога македонскиот народ претрпел големи загуби во стопанството. На Вис, Ченто директно го поставил прашањето до Тито за обединувањето на Македонија, што била крајна интенција на целата македонска борба, на ова Тито му одговорил дека сега мора да прави отстапки спрема сојузниците.

Накратко ова е тоа што му било земано за „зло“ на Методија Андонов – Ченто, за зло било земано македонското прашање и неговото целосно решавање. Тоа што го интересира Шилегов следува подолу.

На седница на Политбирото на ЦК на КПЈ одржана на 21 март 1945 година на која не присуствувал ниту еден Македонец, за Македонија реферирал Миха Маринко. Заклучокот за Македонија го дал Тито: „Во Македонија уште не е изживеан ’ванчомихајловизмот’, тој живее во буржоазијата, па и во селанството. Тие треба прво да се раскринкаат на конкретни дела. Македонија треба да се задржува со сопствени сили. Треба да се кара Ченто во партијата. Влахов треба да се повика овде. Македонија сѐ уште не дала ништо за оваа војна и ние ќе мора да пријдеме повеќе да дава за војната и за обновата на земјата“. Заклучоците од оваа седница на Политбирото на ЦК на СКЈ во Македонија биле пренесени во почетокот на летото истата година. На седницата на пленумот на ЦК на КПМ, Цветко Узуновски – Абаз, кој бил одговорен за ОЗНА во Македонија, во своето излагање заклучил: „Во македонското раководство постои група што со својата линија оди против партиската линија. Таа група тврдеше дека во Југославија не може да се ослободи и соедини цела Македонија, туку дека тоа е возможно само ако се бориме за македонска посебна држава, односно за балканска федерација“. На седницата завршен збор дал Лазар Колишевски, кој побарал да се собере материјал од сите членови на групата и тие да бидат казнети. Групата што требало да се елиминира била нарекувана промакедонска струја, а нејзе ја сочинувале: Емануел Чучков, Лазар Соколов, Матодија Андонов – Ченто, Венко Марковски, Михајло Апостолски, Петре Пирузе Мајски, Благој Хаџи Панзов, Димитар Влахов. Сѐ почнало со незаконско собирање компромитирачки материјал, за среќа тогаш немале мобилни телефони, па своите идеи за обединување на Македонија некој да им ги прислушува експлицитно.

По намонтираните обвиненија од страна на партијата и собраните материјали, како тие на Зоран Верушевски, Ченто бил уапсен токму од претходникот на Верушевски, од првиот човек на ОЗНА во Македонија, Цветко Узуновски – Абаз. На 14 јули 1946 година во најголема тајност со бил уапсен Ченто, а во јавноста се пуштила информација со која се тврдело дека Ченто сакал илегално да ја помине границата и да пребегне во Грција.

По незаконски собраниот материјали, по исценираното апсење, на ред дошло специјалната јавна обвинителка, поточно обвинител, станува збор за предокот на Катица Јанева, обвинителот Благоја Поповски. Но тогаш имале и специјален суд во кој случајот го водел Панта Марина, ова го пишувам со надеж дека нема и тој да има наследник денеска.

На 1 август 1946 година, во судот Ченто изјавил „Изјавувам пред истражната власт, дека во течение на една и пол година, дури бех претседател на Презедиумот, стално бех во допир со народот нарочито со оние кои се наоѓаа во неволја, кои се надеваа за помош и заштита“. На салонските политичари од власта страшно им пречело што Ченто бил сакан меѓу народот, тој народ подоцна ќе биде гонет под терминот „чентовисти“ од страна на УДБА.

Од полициското сослушување на Ченто ќе издвојам само една реченица во која сметам дека ќе се пронајде партијата на Шилегов, а истовремено ќе ја потсетам ВМРО-ДПМНЕ со кого тоа води битка. Ченто вели: „Би ги објаснил причините за давање на оставката на функцијата што ја имав со тоа што кај други луѓе постоеше извесна омраза кон мене и нивните амбиции за власт. Тие што се бореа за власта сакаа првенствено мене да ме симнат од власта“. Во СЈО, пак, кај тогашната Катица Јанева, Ченто изјавил: „Мене ме интересира македонското прашање како секој Македонец и сѐ што би можел би направил за обединувањето на Македонија и за доброто на македонскиот народ“.

Тогашната Катица Јанева излегла со следново обвинение: „Обвинетиот Методија Андонов – Ченто: што не слагајќи се со политиката на ФНРЈ како внатрешна, така и надворешна, која, по негово мнение била противна на интересите на македонскиот народ, бидејќи покрај другото, неговото обединение не можело да стане во рамките на ФНРЈ“.

Се осудува: „На 11 години лишение од слобода со присилна работа и на губиток на политички и поедини граѓански права освен родителските за време на 5 год. след издржуење на казната“.

На овој начин, луѓето што се бореле за целосно решавање на македонското прашање, за Македонците да бидат свои на своето, да не бидат експлоатирани и угнетувани, на крајот завршиле во затвор каде што ги сместиле луѓето на кои поважно им било „братството и единството“ и двојазичноста. Доколку некој најде сличности тие се ненамерни, луѓето што го ставија Ченто во затвор дојдоа на власт со насилие без никаква поддршка и симпатии меѓу народот, тие луѓе под покровителство на чадорот Белград направија монтиран случај, монтирано обвинение, монтирана пресуда и сето тоа преку непостојни и неуставни дејства. На тој начин го убија човекот што сакаше обединета место поделена Македонија, кој сакаше Македонија со Македонци наспроти Македонија со колонизатори, кој сакаше македонски наспроти српскохрватски јазик, кој не сакаше двојазичност и беше подготвен да се спротистави на федерацијата. Денеска Шилегов како доследен наследник на тие што го убија Ченто ги поставува истите барања како неговите претходници: двојазичност и федерализација.

Засега толку од мене, ова беше забрзан курс, кој го давам од загриженост кон човекот, кој, можеби, немаше да знае да одговори на прашањето „Кој го уби Ченто“ и тоа во ходниците на партијата што го уби. Можеби и му помогнав, којзнае, би ја загубил функцијата доколку не знае вакви основи.

Никола Србов

UA-38420574-1